Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) и најмалку уште една хуманитарна организација привремено ја прекинаа својата работа во Украина од безбедносни причини, изјави денеска портпаролот на МКЦК за Ројтерс, откако Русија истрела проектили врз градови низ Украина.
„Од безбедносни причини, нашите тимови денеска паузираат и ги одложија закажаните операции“, изјави портпаролот за Ројтерс преку е-пошта.
„Не можеме да помогнеме додека нашите хуманитарци се кријат од бомбите“
Станува збор за 700 вработени во МКЦК кои работат на 10 локации во земјата и доставуваат помош и лекови, а помагаат и на милиони раселени од конфликтот кој трае повеќе од 7 месеци.
Норвешкиот совет за бегалци, исто така, објави дека ги прекина своите операции за помош на Украина додека ситуацијата не биде безбедна за нив да продолжи.
„Не можеме да им помогнеме на ранливите заедници додека нашите хуманитарни работници се кријат од бомбите и се плашат од нови напади“, рече генералниот секретар на Норвешкиот совет за бегалци Јан Егеланд.