Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 2 230 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во последното деноноќие. Од нив „реални“ повици биле 62,87%, а 37,13% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 57,85%, кон Итната медицинска помош 28,01%, a кон пожарникарите 6,29% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 858 повици за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (7,85%) и на тие што се именувани како „неитни повици“ (37,13%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).
ЦУК информира дека имаше 11 пожари на отворено во последното деноноќие, сите се изгаснати од пожарникарите и од нив активни утрово нема. Една третина од вчерашните биле на повик на гаснење депонии или ѓубришта, а од нив вообичаено се шират и на поголем простор во околината. ЦУК упатува апел до граѓаните да не се палат отпадоци и ѓубре на ова топло време и кога е се посува вегетацијата во природата.
РЦУК Штип известува, дека во период од 13.00 часот во кругот на фабриката за акумулатори во Пробиштип, при косење трева е пронајдена стара рачна бомба. Од ЦУК за итниот потенцијално опасен случај се известени во Полициска станица Пробиштип и во ДЗС Пробиштип, по што од страна на овластено лице на ДЗС, бомбата е успешно и безбедно отстранета во 15.30 часот. Инаку, ЦУК упатува превентивната препорака до граѓаните што ќе најдат неексплодирани убојни средства (НУС) да не ги фаќаат и да не ги поместуваат, туку едноставно да ги пријават на 112 во ЦУК, а потоа од надлежните тие ќе бидат неутрализирани на лице место или ќе бидат безбедно отстранети соодветно според процена на професионалците за НУС.
Инаку, вчера имаше спасување на човек заглавен во кал, како жив песок во месноста Студена Бара, кумановски дел покрај реката Пчиња. Храбрите кумановски пожарникари го спасија по неколку часа извлекување, а потоа и со носење на раце го предадоа на лекарите до точката до каде што можеше да дојде Итната медицинска помош. Евидентно е дека тоа место е опасно и ЦУК, преку Секторот за операции и координација, иницира негово соодветно обележување за да не се случи и друг граѓанин да заглави и да биде во животозагрозувачка ситуација таму, на тоа опасно место со кал во која се пропаѓа, како „жив песок“, на месноста Студена Бара, во кумановскиот дел покрај реката Пчиња.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.