Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика бројни проблеми низ главниот град, а до Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пристигнале повеќе пријави од граѓани за поплави и други последици од обилните врнежи.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека граѓаните пријавиле поплавени подрумски простории, дворови на куќи, магацински објекти, подвозници и кружни текови, како и заглавени возила и други опасности предизвикани од невремето.
Според досегашните информации, најпогодени се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба.
Од ЦУК посочуваат дека за сите пријавени случаи веднаш се известени Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и единиците на локалната самоуправа, кои постапуваат согласно своите надлежности.
Во меѓувреме, Кризниот штаб на Град Скопје заседава и ги координира активностите на сите надлежни служби со цел што побрзо справување со последиците од невремето.