Македонија

ЦУК со биланс по невремето во Скопје: Поплавени улици, домови и МАНУ, граѓаните да пријават штети

ЦУК со биланс по невремето во Скопје: Поплавени улици, домови и МАНУ, граѓаните да пријават штети

По силното невреме и обилните врнежи од дожд што го зафатија Скопје, Центарот за управување со кризи (ЦУК) излезе со детален извештај за штетите. Преку бројот 112 се регистрирани голем број пријави, а како најпогодени се издвојуваат општините Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Аеродром.

Според податоците, во главниот град се поплавени два подвозници (кај Бутел и на бул. „Србија“), три кружни текови (кај „Ист гејт“, „Мото центар“, „Цементара“ и „Железара“), како и повеќе од осум сообраќајници, што предизвика сообраќаен колапс. Поплавени се и паркинзи во Расадник и Аеродром, а критично со ризик од прелевање било и нивото на Усјанскиот Канал и реката Серава.

Освен патната мрежа, вода навлегла во куќи, подруми и гаражи во Автокоманда, Чаир, Аеродром и Горно Лисиче, како и во два деловни магацини. Невремето го поплави и објектот на МАНУ, каде е зафатен дел од подрумот, главниот хол и амфитеатарот.

На терен координирано интервенираат противпожарните единици, ДЗС, комуналните претпријатија и екипите на „Македонија пат“. Од ЦУК апелираат граѓаните кои претрпеле материјални штети веднаш да поднесат барања до матичните општински комисии, кои во најбрз рок ќе излезат на терен за проценка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни