Бранител на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ, изјави дека исказот на неговиот клиент е јасен и искрен, одразувајќи реално учество во настаните. Според адвокатот, исказот на Ѓорчевски успеал да го долови неоснованото обвинение против него, а истовремено допрел и до застапникот на обвинението.
-Фактички, сметаме дека со ова успеа на некој начин да му долови на судот во што се состои неоснованото обвинение во него. Мислам дека и неговиот исказ прилично јасно допре и до застапникот на Обвинението, за кој ние немаме ништо против. Очекуваме и вкрстени прашања, меѓутоа денеска Александар исцрпно ја кажа до детаљ суштината, рече Туфегџиќ.
Туфегџиќ изрази уверување дека јавниот обвинител нема да се предаде лесно, но нагласи дека аргументи и докази против Александар не постојат.
-Јас лично не очекувам дека јавниот обвинител, односно застапник на обвинението туку така едноставно ќе се предаде. Јасно му е на јавното обвинителство дека аргументи и докази против Александар нема. Она на што тие одат дека се аргументи и докази, не можат да бидат докази и аргументи во кривична постапка. Реален доказ против Александар не е изведен. Оставам на совеста на Јавното обвинителство понатаму како ќе одлучи, а секако конечната одлука ќе ја има судот, дополни тој.
Тој истакна дека Ѓорчевски дал јасен опис на постапките на полициските службеници, потврдувајќи го недостатокот на унифицирани стандарди за постапување во вакви случаи.
Адвокатот Туфегџиќ ја нагласи тортурата вршена врз неговиот клиент, истакнувајќи дека Александар бил воздржан во своите изјави. Нагласи дека исказот даден денеска е скратена верзија, додека поопширната е доставена до Јавното обвинителство, но суштината останува иста.
Александар Ѓорчевски, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје рече дека нема апсолутно никаква инволвираност и дека ниту ги познава, ниту може да ги гледа обвинетите во случајот за убиствата на неговата ќерка Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
Одговарајќи на прашања од неговиот бранител, адвокат Владимир Туфегџиќ, Ѓорчевски денеска исцрпно и детално го опиша својот живот, односот со неговото семејство, моментите кога исчезнала Вања и односот со полицијата во текот на истрагата.
Судењето продолжува во петок со вкрстени прашања од обвинителството. По сведочењето на Ѓорчевски е предвидено да сведочи и обвинетиот Љупчо Палевски.