Туристичкиот сектор урива рекорди: Туркије лани со приходи од туризам од над 65 милијарди долари

Рекордни 65 милијарди американски долари во минатата година се слеаја во Туркије како приходи од еден од клучните економски сектори на земјата, туризмот. Објавените резултати за туристичката дејност во 2025 година говорат дека државата сѐ повеќе ја зацврстува својата позиција како една од најатрактивните светски туристички дестинации, а плановите за наредниот период се уште поамбициозни.

На прес-конференција во Истанбул, податоците за работењето на туристичкиот сектор ги претстави министерот за култура и туризам на Туркије, Мехмет Нури Ерсој. Тие говорат дека земјата лани била домаќин на 64 милиони туристи, што е раст за 2,7 отсто во однос на 2024 година, а во однос на 2017 година зголемувањето е за дури 68 проценти. Туристите кои минатата година ја посетиле Туркије потрошиле по 100 долари по ноќ, што е зголемување за 3,6 отсто во однос на 2024, и за 36 проценти во однос на 2017 година. Приходите од туризмот во 2025 година достигнале 65,231 милијарди долари, што во однос на претходната година претставува зголемување за 6,8 отсто, додека, пак, во споредба со 2017 година означува фасцинантен раст од 109 проценти.

„Ова е рекорд на сите времиња. Нашата цел е за 2026 година туристичките приходи да достигнат 68 милијарди долари. Според податоците од Светската туристичка организација на Обединетите нации, туризмот на Туркије денес е сила не само на регионално, туку и на глобално ниво“, нагласи Ерсој.

Тој потсети дека според бројот на туристи, во 2017 година Туркије била на осмо место во светот, а веќе во 2024 година земјата има значаен напредок, искачувајќи се на престижната четврта позиција. Се засилува и рангирањето на Туркије во поглед на приходите остварени од туризмот, па ако земјата во 2017 година беше на 15. место, веќе во 2024 година напредуваше и стана седми туристички играч во светски рамки.

Во минатата година Русите биле најголеми љубители на турската туристичка понуда, па дури 6,9 милиони руски граѓани биле на одмор во Туркије. Германскиот пазар е втор најголем, од каде во земјата лани отпатувале 6,75 милиони туристи, додека, пак, Туркије ја посетиле и 4,27 милиони Британци, со што тој пазар е на третата позиција.

Министерот нагласи дека Туркије денес има силен капацитет и сериозно искуство во управување со кризи. Она што е многу битно е дека турскиот туризам веќе одамна не се доживува само како „море, сонце и песок“, и тој концепт се смета за надминат. Сегашната туристичка понуда станува сѐ поразновидна, збогатувајќи се и со културен и верски туризам, археологија, природа и екотуризам, гастрономија, крузинг, здравствен и термален, конгресен и саемски, а во последно време сѐ повеќе и зимски туризам. За развој на овие области голема улога играат и платформата „Наследство за иднината“, како и проектите за ноќни музеи, кои се сметаат како ретки достигнувања што можат да ги остварат малку земји. Ерсој како успешен во делот на промоцијата на глобално ниво го посочи и моделот „мини-серии“. За илустрација, само една епизода од мини-серијата „Приказна за Истанбул“ достигнала 32 милиони прегледи.