Туркменистан ги затвора „портите на пеколот“

Претседателот на Туркменистан, Гурбангули Бердимухамедов нареди да се изгасне пожарот кој со години гореше во пустинскиот кратер, кој уште го нарекуваат и „Порта на пеколот“.

Кратерот се наоѓа на околу 260 километри од главниот град Ашгабат и е главната атракција на малиот број туристи кои успеваат да влезат во Туркменистан, во кој тешко се влегува.

Порталот Туркменпортал објави дека кратерот настанал по неуспешното ископување на природен гас во 1971 година. За да го спречат излевањето на гасот, геолозите запалиле оган и очекувале гасот да изгори за неколку недели. Огнот гори до ден денес.

Се наведува дека кратерот ќе биде изгаснат од еколошки и здравствени причини.