Свет

Турција најави засилување на воената готовност во Северен Кипар поради „регионални закани“

Турција најави засилување на воената готовност во Северен Кипар поради „регионални закани“

Турција ја засилува својата воена готовност во Северен Кипар поради растечни регионални тензии. Ова, според кипарското издание „Сајпрес мејл“, го соопштил турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер во писмен одговор на пратеничко прашање.

Според Ѓулер, Анкара внимателно ги следи случувањата на Кипар и го преиспитува своето воено присуство за да одговори на она што го дефинира како потенцијални закани. „Водејќи сметка да се зачува чувствителната рамнотежа на островот, ја ажурираме нашата воена готовност насочена кон гарантирање на безбедноста“ и на Турција и на Северен Кипар, навел тој.

Изјавата е дадена во контекст на променливата архитектура на безбедноста во НАТО и засилената соработка меѓу Соединетите Американски Држави, Израел, Грција и Република Кипар. Ѓулер посочува дека Турција ги следи „активностите на Израел“ во Република Кипар и ги оценува нивните можни последици за регионалната безбедност, додавајќи дека Анкара продолжува да презема „неопходни воени и политички мерки“ против секоја потенцијална закана.

Во последните години Кипар го зајакна одбранбеното партнерство со Грција, Израел, Франција и САД преку заеднички воени вежби и договори во областа на безбедноста, додека Турција повеќепати тврди дека ваквата соработка „го менува статус квото“ во Источното Средоземје, пишува изданието.

Ѓулер не наведе какви конкретни промени се прават во турското воено присуство, ниту дали во Северен Кипар ќе бидат распоредени дополнителни сили или техника. Според проценки, таму веќе се распоредени околу 35.000 турски војници.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни