Танкерот MidVolga-2 под руска знаме „пријавил дека бил нападнат на 80 наутички милји од турскиот брег во Црното Море додека пловел од Русија кон Грузија со товар сончогледово масло“, соопшти денес Турската дирекција за поморски работи и додаде дека „сите 13 членови на екипажот се безбедни и здрави“ и дека бродот не побарал помош.
Како што пренесуваат агенцијата АП и француските медиуми, MidVolga-2 моментално се движи кон турското пристаниште Синоп со сопствен погон.
Овој најнов инцидент доаѓа по два напади со дронови за кои Украина ја презеде одговорноста, а кои се случија во ексклузивната економска зона на Турција во петокот и саботата.
Тие напади биле насочени кон танкери кои ѝ припаѓаат на руската „фантомска“ флота, која е под западни санкции, но и понатаму продолжува да извезува руска нафта.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот го осуди „загрижувачкото заострување“, наведувајќи дека „судирот меѓу Русија и Украина очигледно достигна ниво кое ја загрозува безбедноста на пловидбата во Црното Море“.
„Внимателно го следиме развојот на настаните меѓу Русија и Украина со цел завршување на конфликтот и подготвени сме да дадеме придонес при секоја можност“, изјави Ердоган, додека продолжуваат преговорите за американскиот план за решавање на конфликтот во Украина.