ТВ екран кој може да лиже и вкуси храна

Јапонски професор разви прототип на телевизиски екран со кој можете да лижете и вкусите одредена храна.

Уредот наречен „Вкусови на ТВ“ (TTTV) користи спрејови во комбинација со 10 вкусови за да ги создаде вкусовите на одредена храна, пренесува Ројтерс.

Во време на пандемија на корона вирусот, овој тип на технологија може да го подобри начинот на кој луѓето се поврзуваат и комуницираат со надворешниот свет, рече професорот на јапонскиот универзитет Меиџи, Хомеи Мијашита.

„Целта е да им се овозможи на луѓето да искусат нешто како јадење во ресторан на другата страна на светот, дури и додека се дома“, рече тој.

Професорот Мијашита работи со тим од околу 30 студенти кои произведоа различни уреди за ароматизација, вклучително и вилушка што го прави вкусот на храната побогат.

Тој рече дека сам го направил прототипот TTTV минатата година и дека правењето комерцијална верзија ќе чини околу 100.000 јени (875 долари).

Тој, исто така, се надева дека ќе создаде платформа каде што корисниците ќе можат да преземаат и уживаат во вкусовите од целиот свет.

Една од студентите на Универзитетот пред печатот презентираше како функционира прототипот на TTTV, кажувајќи му на екранот дека сака да проба слатко чоколадо.

„Тоа е како млечно чоколадо“, рече таа, според Ројтерс.