Поранешниот прв човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Мухамед Мети Сејдини, утринава е уапсен во голема полициска акција. Тој првично се сомничи за тешка финансиска злоупотреба и проневера на огромни средства наменети за развој на македонскиот фудбал.
Пари за трибина во Охрид завршиле во туѓи џебови
Според првичните информации, истрагата е фокусирана на проневера на 700.000 евра. Станува збор за наменски средства кои биле директно доделени од Европската фудбалска куќа (УЕФА) на сметката на ФФМ.
Овие пари биле строго наменети за конкретен инфраструктурен проект – поддршка и изградба на нова трибина во Охрид, но постојат основани сомненија дека тие биле незаконски присвоени и злоупотребени од страна на старото раководство.
Новото раководство ги открило и пријавило злоупотребите
Утринското апсење е резултат на координирана акција која ја спроведува Министерството за внатрешни работи (МВР) во тесна соработка со надлежното Јавно обвинителство.
-Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинитеел, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек, велат од ОЈО.
Според неофицијални извори, случајот почнал да се расплетува од внатрешноста на самата институција. Имено, со доаѓањето на новото раководство на чело на ФФМ, биле детектирани сериозни финансиски дупки и нерегуларности. Откако биле увидени злоупотребите, новото раководство веднаш ги пријавило наодите до МВР, што ја иницирало обемната истрага.
Со денешните апсења кулминираат долгогодишните сомнежи за криминал во македонскиот фудбал. Подолго време, претходната гарнитура и старото раководство на ФФМ беа предмет на јавни критики и се поврзуваа со серија скандали кои се провлекуваа низ годините, а кои денеска конечно добиваат свој правен епилог преку институциите на прогонот.
