Балкан

Уапсен македонски државјанин кој со камион прегази возач на брза помош во Србија

Уапсен македонски државјанин кој со камион прегази возач на брза помош во Србија

Државјанин на Северна Македонија, кој управувајќи со камион прегазил возач на санитетско возило од Врање на стопирачката лента кај Грделица, денеска е пронајден и лишен од слобода.

Според информациите од Полициската управа во Лесковац, на македонскиот државјанин му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа.

Тешката сообраќајна несреќа се случила во вторникот попладне во близина на Грделица. Санитетското возило, кое транспортирало десетгодишно дете од Врање кон болницата во Ниш, претрпело дефект и морало да запре на патот.

Возачот на брзата помош излегол од возилото за да го провери и отстрани дефектот. Во тој момент налетал камионот управуван од македонскиот државјанин, кој удрил директно во вратата на санитетот, која пак силно го отфрлила возачот.

Од силината на ударот, возачот со главата удрил во бетонот и се здобил со тешки телесни повреди, по што итно бил пренесен и згрижен во Универзитетскиот клинички центар во Ниш.

Паралелно со драмата на патот, десетгодишното дете, за кое постоело сомнение дека има воспаление на слепото црево, било успешно транспортирано до Ниш благодарение на хуман гест. Докторка која случајно наишла со својот приватен автомобил на местото на несреќата, веднаш го презела детето и го одвела во болница.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни