Свет

Уапсен украинскиот заменик министер, осомничен за примање мито

Уапсен украинскиот заменик министер, осомничен за примање мито

Украинскиот заменик министер за инфраструктура Васил Лозински е уапсен под сомнение за проневера на средства наменети за реконструкција на оштетената инфраструктура во земјата.

Во Министерството за одбрана започна внатрешна ревизија откако медиумите открија дека наводно бил склучен договор со напумпани цени.

„Кабинетот на министри на Украина наредува В.М. Лозински е разрешен од должноста заменик министер за развој на заедниците, териториите и инфраструктурата на Украина“, напиша украинскиот премиер Денис Шмигал на Telegram.

Тој е осомничен дека примил 400.000 долари мито за да потпише договори по надуени цени.

Истрагата на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) откри дека проневерените јавни средства биле наменети за алтернативни извори на енергија во текот на зимските месеци, објави Си-Ен-Ен. Украинското Министерство за инфраструктура го потврди апсењето на Лозински на својата официјална страница на Фејсбук.

Според НАБУ, Лозински е обвинет и за примање мито од 400.000 долари. Се сомневаат дека примил пари за да го олесни потпишувањето договори за набавка на опрема и агрегати по напумпани цени.

Што покажа истрагата?

Од НАБУ велат дека минатото лето биле доделени околу 49 милиони долари за да се обезбеди населението со алтернативни извори на енергија, топлина и вода во зима поради ситуацијата предизвикана од уништувањето на критичната инфраструктура.

„Истрагата утврди дека голем број функционери на централната и регионалната извршна власт донеле одлука за проневера на дел од јавните средства. За да го постигнат тоа, во таен договор со група посредници обезбедиле склучување на договори за набавка со однапред одредени деловни субјекти чија цена е преценета за речиси 7,6 милиони долари.

Извршени се серија претреси при што во канцеларијата на претприемачот биле пронајдени и одземени 920.000 украински гривни и 38.700 долари. „Исто така, во текот на ноќта е приведен еден од членовите на организирана криминална група која се обидувала да ја премине државната граница и да ја напушти Украина“, соопшти НАБУ.

Проблеми со корупцијата

Смената доаѓа откако Украина се соочува со недостиг на електрична енергија по руските напади врз нејзините енергетски капацитети во средината на зимата.

Проневерата е сè уште честа појава во Украина, земја која со децении е опфатена со корупција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни