Меѓународна полициска операција идентификува десетици сторители кои ги дрогирале и силувале своите партнерки, користејќи групи за интернет-разговор за да ги олеснат и поттикнуваат нападите, соопштија Европол и британската Национална агенција за криминал (НЦА), а пренесе Си-ен-ен.
Во повеќето случаи, жртвите се жени кои биле успивани со седативи пред да бидат сексуално нападнати. Овие затворени онлајн групи претставувале засолниште за претежно машки сторители, кои координирале напади, разменувале упатства и објавувале видеа и фотографии од злоупотребата.
Германските и британските криминалистички служби, со поддршка од органите за спроведување на законот од САД, Бразил, Канада, Франција, Унгарија, Холандија и Шпанија, спроведуваат заедничка операција против „еволуирачката закана“, соопшти НЦА. Често жртвите воопшто не знаат дека биле нападнати сè додека не бидат контактирани од полицијата, а злоупотребата ја врши личност што ја познаваат и на која ѝ веруваат, понекогаш и повеќе здружени сторители.
Истрагите следуваат по тајна проверка на Си-ен-ен за онлајн мрежи на мажи кои ги учат другите како да ги дрогираат и силуваат своите партнерки. Откако во април почна прекуграничната полициска соработка, наречена „Проект Медуза“, европските истражители соопштија дека идентификувале 156 сторители и жртви и отвориле над 270 нови траги. Досега се уапсени 57 осомничени, но вистинскиот обем и бројот на жртви не е познат и речиси сигурно е недоволно пријавен, предупреди НЦА.
„Сексуалниот напад олеснет со дрога повеќе не е изолиран поединечен чин, туку сè почесто е организиран, спроведуван преку координирани мрежи и овозможен од дигитални платформи, што бара пософистициран оперативен одговор“, изјави Најџел Лири, заменик-директор во НЦА.
Европол соопшти дека сторителите се обидуваат да ги објективизираат и дехуманизираат жртвите, а во поединечни случаи злоупотребата трае со децении. Тие користат енкриптирани сервиси за пораки, форуми и затворени групи за разговор за да разменуваат искуства, да го нормализираат насилното однесување, да олеснат нелегална трговија со лекови на рецепт и со наркотични дроги и да координираат кривични дела. Во овие групи се разменуваат совети за тоа кои супстанции да се употребат, како да се применат, како да се избегне откривање и се бара и споделува визуелен материјал од злоупотребата.
Си-ен-ен претходно разоткри онлајн „школа за силување“ во која мажи споделувале снимки на кои ги дрогираат своите сопруги, а имало и преноси во живо. Сиобан Блејк, водечка обвинителка за силување и тешки сексуални злосторства во британската Кралска обвинителна служба, изјави дека станува збор за „една од најужасните злоупотреби“ што ги видела во својата кариера. „Жртвите се изложени на страотни злосторства во сопствените домови, што претставува крајно кршење на довербата“, нагласи таа. Полицијата предупредува дека жртви може да бидат лица од која било возраст или потекло и ги повикува сите што се сомневаат дека биле нападнати да пријават.
Во последните години во Европа се регистрирани повеќе апсења и пресуди против мажи обвинети или прогласени за виновни за дрогирање и силување на своите онесвестени партнерки. Доминик Пелико беше осуден на 20 години затвор во 2024 година за организирање на дрогирање и силување на неговата тогашна сопруга Жизел, а уште 50 сторители беа осудени. Лани германскиот државјанин Фернандо П. беше прогласен за виновен за години на дрогирање и силување на својата сопруга и за споделување видеа од злосторствата на интернет, по што доби казна од осум години и шест месеци затвор. Во април, полските власти уапсија маж поврзан со наводно силување; полските медиуми го идентификуваа како „Пјотр“, псевдонимот на Полјакот во центарот на истрагата на Си-ен-ен и еден од речиси 1.000 корисници во приватна група на Телеграм посветена на размена совети за дрогирање и силување на партнерки.
Експерти изјавија за Си-ен-ен дека сторителите постојано ги менуваат методите, што ја отежнува нивната кривична одговорност, а податоците за распространетоста се ограничени. Преживеаните повикуваат регулаторите поактивно да ги уриваат онлајн платформите што хостираат експлоататорски материјали.
Европол ја нарекува оваа полициска акција „прва од ваков вид“, а вклучените служби се надеваат дека со здружени напори органите на редот од повеќе земји ќе успеат да изнесат на виделина злоупотреба што напредува во тајност на интернет и зад затворени врати.