Уапсено лицето кое фрли бомба врз куќата на Здравко Чолиќ – по соучесникот се трага

По брзата интервенција на безбедносните служби, српската полиција приведе осомничен за сериозен инцидент што се случи рано утрото во белградската населба Дедиње.

Како што соопшти доцна синоќа Министерството за внатрешни работи на Србија, уапсено е лице за кое постои сомневање дека заедно со уште едно лице по кое интензивно се трага, во вторникот околу 04:52 часот активирале и фрлиле рачна граната во дворот на семејна куќа, при што е предизвикана материјална штета.

Медиумите во средата објавија дека експлозивната направа била фрлена врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ, кој во моментот на инцидентот не бил во Србија. Во експлозијата нема повредени лица, а во куќата тогаш се наоѓале неговата сопруга и ќерка.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, наведувајќи во соопштението, изјави дека апсењето го извршиле припадници на МВР на Србија, Полициската управа за град Белград и Управата за криминалистичка полиција, во координација со Вишото јавно обвинителство во Белград и Безбедносно-информативната агенција.

Уапсеното лице, С.М., родено 1993 година, се сомничи за сторени кривични дела недозволено производство, поседување, носење и тргување со оружје и експлозивни материи, како и предизвикување општа опасност. Осомничениот ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Белград, додека потрагата по второто лице продолжува.