Македонија

Учениците бараат кратење на материјалот за полагање државна матура

Учениците бараат кратење на материјалот за полагање државна матура

Кратење на материјалот предвиден за полагање на државната матура поради онлајн наставата, дојавите за бомби, изгубената настава и дупките во знаењето било главното барање на претставници на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) на денешната средба во Министерството за образование и наука.

Како што соопштија од ОДАС, на средбата разговарале за проблемите и предизвиците со кои средношколците се соочуваа изминативе четири години, при што било издејствувано учениците да добијат банки со прашања за полагање на интерните предмети.

-Успеавме да издејствуваме училиштата да мораат оваа година да им достават на учениците банки со прашања за полагање на интерните предмети. Од друга страна, ни беше кажано дека материјалот е веќе скратен, но не добивме целосен увид во тоа колку и кој материјал е скратен. Тоа што го забележавме беше дека скратениот материјал по мајчин јазик (македонски) е речиси идентичен со тој од минатогодишната матура. Продолжуваме да го следиме процесот и да работиме на заложбата за подобро образование, и ќе информираме за сите следни чекори по извршување на разговори со средношколците, потенцираа од ОДАС.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни