Поминаа 2 месеца од денот кога градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски им вети на учениците од Раштак решение за тоа што патуваат по цел час за да стигнат до најблиското основно училиште. Меѓутоа ова ветување не го одржа. Освен тоа, тој денеска излезе со контрадикторна изјава велејќи дека учениците ги имаат месечни билети што требало да ги вратат како услов за потоа да се организира транспорт за учениците.
Родителите сакаа организиран транспорт и ги вратија сите месечни билети како што побарал градоначалникот на општината. Но тие веќе два месеца се и без месечни билети и без организиран транспорт.
„Месечните ги вративме пред 2 месеца, ги собравме и ги дадовме во училиштата каде што поднесовме барање. Сега децата останаа и без билети и без транспорт“, вели Бафти Ислам – родител.
„Ние упатуваме апел до градоначалникот и управата на училиштето доколку не успеат да обезбедат транспорт, ние ќе ја бојкотираме наставата и нема да ги носиме децата во училиште“, додава Ваид Алими – родител.
ТВ21 се обиде да добие одговор и од директорката на основното училиште Живко Брајковски, Розалија Ангеловска. Но таа, не сакаше да даде изјава пред камера за проблемите на учениците од Раштак. До почетокот на второто полугодие, учениците од Раштак ќе продолжат да патуваат пеш околу 2 километри за да стигнат на училиште.
РЕПОРТЕР: АФРИМ ЈОНУЗИ
