Родителите би можеле да ги намалат трошоците за набавка на училишен прибор пред почетокот на новата учебна година, доколку Владата ја усвои предложената мерка за воведување „училишна кошничка“ со попусти до 15 проценти.
Предлог-одлуката е подготвена од Министерството за економија и труд и веќе е доставена до Владата. Се очекува таа да биде разгледана на следната владина седница во вторник.
Според Министерството, училишната кошничка е договорена во консултации со трговците на големо и мало кои продаваат училиштен прибор, а целта е да им се олеснат трошоците на семејствата пред стартот на учебната година.
Во рамки на мерката се очекува да бидат опфатени производи како ранци, тетратки, моливи, маркери, блокови и друг основен училиштен прибор.
Производите што ќе бидат дел од училишната кошничка ќе бидат посебно означени и поставени на видно место во продажните објекти, со јасно истакнати цени. Попустот ќе се пресметува директно на каса, а намалената цена ќе биде видлива и на фискалната сметка.
Од Министерството појаснуваат дека составот и вкупната цена на кошничката нема да бидат исти кај сите трговци, бидејќи ќе зависат од изборот на производите, нивниот квалитет и брендот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека Владата во вторник треба да донесе одлука за формирање на училишната кошничка.
„Во рамки на можностите сето тоа ќе биде атрактивно и за родителите и за учениците“, изјави Мицкоски при посетата на Прилеп.
Училишната кошничка беше применувана и минатата година, а со новата мерка повторно се очекува да им овозможи на родителите поевтино да го набават најнеопходниот прибор за своите деца пред почетокот на наставата.