Еден месец по стапувањето на сила на одлуката за забрана на фрлање отпад во доцните часови, билансот е јасен: десетици правни лица заработија „солени“ казни, додека граѓаните засега поминуваат само со опомени.
Од Град Скопје за МРТ информираат дека инспекторите на терен строго го санкционираат непочитувањето на забраната за одлагање отпад во периодот од 22:00 до 06:00 часот.
Казни до десетици илјади евра
Најголемиот удар го чувствуваат компаниите. За правните лица кои се фатени како несоодветно одлагаат отпад, изречени се казни кои започнуваат од 1.800 евра, а во зависност од прекршокот достигнуваат и до десетици илјади евра.
За разлика од фирмите, физичките лица (граѓаните) сè уште не се парично казнети.
„Има десетици опомени. Целта не е по секоја цена да се казнуваат граѓаните, туку да се подигне свеста за заштита на животната средина“, појаснуваат од Град Скопје.
Градоначалниците: Прво услови, па казни
Скопските градоначалници оценуваат дека дисциплината кај граѓаните е видлива, но предупредуваат дека системот мора да се подобри. Ставот на дел од челниците на општините е дека „прво треба да се создадат услови каде да се депонира отпадот, а потоа да се изрекуваат казни“.
Општините веќе преземаат чекори:
- Општина Аеродром започна со мерки за селектирање на отпадот.
- Општина Ѓорче Петров склучи договори со колективни собирачи. Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општинските комунални инспектори се постојано на терен.
Граѓаните поделени: „Важно е каде, а не кога фрламе“
Иако повеќето се придржуваат до одлуката, дел од граѓаните реагираат на временското ограничување. Според нив, казниво треба да биде само фрлањето ѓубре надвор од контејнерите, додека времето на фрлање треба да биде флексибилно, во зависност од обврските на луѓето.
Долгорочната цел на овие мерки е одлагањето на отпадот да се стави во правна рамка, а на ѓубрето во иднина да се гледа како на ресурс, а не само како проблем.
