Свет

Украинската армија бара мобилизација на уште 450.000 до 500.000 луѓе, се огласи Зеленски

Украинската армија бара мобилизација на уште 450.000 до 500.000 луѓе, се огласи Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот објави дека армијата побарала мобилизација на уште меѓу 450 и 500 илјади луѓе, но дека конечната одлука се уште не е донесена.

Украинскиот лидер на прес-конференцијата во Киев одржана по повод крајот на годината рече дека армијата и владата ќе разговараат за ова „многу чувствително прашање на мобилизација“ и дека потоа ќе биде испратено до парламентот на разгледување.

Мобилизирањето на таков опсег ќе бара и дополнително финансирање, додаде тој.

„Тие предложија мобилизација на дополнителни 450 до 500 илјади луѓе. Тоа е многу сериозна бројка“, рече Зеленски.

„Одговорив дека ќе ми требаат дополнителни аргументи за да го поддржам таквиот потег. Затоа што, пред се, се работи за луѓе, второ, се работи за правда, одбранбени капацитети и финансии“.

Украинскиот претседател нагласи дека за ваква мобилизација ќе бидат потребни речиси 12 милијарди евра.

Поранешниот украински министер за одбрана Олексеј Резников минатото лето изјави дека околу милион луѓе се активни во украинскиот безбедносен и одбранбен сектор.

Украинскиот претседател рече и дека Украина ќе добие „повеќе“ од новите американски противвоздушни системи Патриот, кои се вредни за одбрана од Русија.

„Нема да зборувам за бројките, но повеќе системи Патриот ќе бидат испратени во Украина за да ја бранат нашата земја во текот на зимата“, објасни тој.

Тој оцени и дека никој не може со сигурност да каже кога ќе заврши војната со Русија, по речиси две години од рускиот напад.

„Мислам дека никој не го знае одговорот“, рече тој.

Тој рече и дека не може да се одржат парламентарни избори додека трае војната.

Зеленски постојано повторуваше дека одржувањето на избори може да го поткопа единството и дека Русија може да го искористи тоа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни