Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд, поради неправилно спроведена постапка од страна на Судскиот совет. Судот утврди дека Советот не ги разгледал подеднакво сите кандидати и не ги почитувал законските критериуми предвидени во Законот за судски совет.
Според пресудата, Советот донел одлука без целосна анализа на сите предложени кандидати, бидејќи не биле обезбедени сите потребни материјали за нивната стручност и придонес во правната теорија. Гласањето се одвивало само по првиот предлог, додека другите два кандидати не добиле можност за еднаков третман, што ја нарушило транспарентноста, еднаквоста и мерит системот на избор.
Во записникот од седницата се потврдува дека членовите на Советот се запознале со биографиите на кандидатите за првпат на самата седница и гласањето било спроведено само по првиот предлог, при што останатите предлози биле игнорирани. Ова, според судот, претставува повреда на законските обврски и уставните принципи за еднаквост и отчетност.
Судот ја прифати тужбата на Антоанета Димовска, член на Судскиот совет и кандидат за уставен судија, и наложи повторно постапување согласно законските критериуми за правичност и транспарентност, при што треба да се спроведе гласање по сите предлози со целосно почитување на мерит критериумите.
Дуковска, која беше судија-известител за предметот со Законот за јазиците, се враќа на претходната функција во Апелациониот суд Скопје. Од Уставниот суд најавија став по однос на пресудата.