Уставен ќе пресече пред Нова година: Ќе „паднат“ ли блок-тарифите за струја и ознаката „NMK“ на патните знаци?

Утре (24 декември), Уставниот суд ќе ја одржи својата последна седница за оваа година, а на маса се ставени неколку „жешки“ иницијативи кои можат драстично да го променат секојдневието на граѓаните – од тоа колку плаќаат за струја, до тоа што пишува на сообраќајните знаци.

На дневениот ред на 28-мата седница се закажани девет иницијативи за оценување на уставност и три конечни одлуки.

Се вчитува...

Блок-тарифите пред пад? „Дискриминација од 400%“

Можеби најважната точка за домашниот буџет е иницијативата за оспорување на Тарифниот систем за електрична енергија, поднесена од Борче Ѓузелов.

Пред уставните судии е прашањето: Дали поделбата на потрошувачите во 4 блокови е неуставна? Во иницијативата се тврди дека Регулаторната комисија ги става граѓаните во нерамноправна положба. Како главен аргумент се посочува драстичната разлика во цената – струјата во четвртиот блок е за дури 400% поскапа од онаа во првиот блок (4,4 денари наспроти 18,3 денари за kWh). Ако Уставен одлучи во корист на иницијативата, ова може да значи крај на сегашниот модел на наплата.

Битка за кодот: „NMK“ или „MK“ на знаците?

Втората голема тема е иницијативата поднесена од Иван Мирчевски и Александар Видиновски, кои го оспоруваат Правилникот за сообраќајни знаци. Тие бараат да се избрише одредбата со која на знаците за известување стои кодот „NMK“.

Според подносителите:

  • Кодот „NMK“ согласно Преспанскиот договор е наменет исклучиво за регистарските таблички на возилата.
  • За територијата и во сите други случаи, меѓународниот код останува „MK“ или „MKD“.
  • Се предупредува дека со оваа одредба, дури и соседни држави (како Србија) почнуваат погрешно да ја означуваат нашата земја на патните правци со непостоечкиот код за територија „NMK“.

Бунт на правосудството за платите

Судиите и јавните обвинители повторно се на дневен ред. Поднесени се иницијативи против законите со които им беа намалени коефициентите за плата (од јануари 2024). Обвинителите и судиите тврдат дека намалувањето на коефициентите (на пример, кај обвинителите од 2.43-3.21 на 2.15-2.84) е удар врз независноста на правосудството и правната сигурност.

Што друго ќе се решава?

  • Дрога за лична употреба: Се разгледува членот 215 став 6 од Кривичниот законик, каде подносителот смета дека се овозможува неказнивост за производство на дрога наводно за лична употреба, што може да се злоупотреби.
  • Урбанистички хаос: На маса се и ДУП-ови во Општина Карпош (Жданец и Нерези) и Општина Центар (Тасино Чешмиче).

Одлуките што ќе бидат донесени утре можат да предизвикаат сериозни правни и финансиски импликации веднаш на почетокот на 2026 година.