Уставниот суд ќе ги оценува линеарните пензии по предлогот на Кацарска

Уставниот суд на Република Северна Македонија вчера соопшти дека поведе постапка за оценка на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување, кој се однесува на линеарното зголемување на пензиите.

Со овој член, редовното месечно усогласување на пензиите врз основа на порастот на платите и трошоците за живот се заменува со еднаква распределба на средствата за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата, стажот или уплатените придонеси.

Постапката е поведена на сопствена иницијатива на Судот, на предлог на судијката-известител Добрила Кацарска, а членот е објавен во „Службен весник на РСМ“ на 29 јули 2025 година.

Од Уставниот суд појаснуваат дека станува збор за одредба која го менува досегашното право на редовно усогласување на пензиите, а тоа е право што им гарантира социјална сигурност на граѓаните. Во оваа фаза, Судот изразил сомнеж дека оспорениот член може да ја нарушува уставната еднаквост, правната сигурност и легитимните очекувања на пензионерите.

Поставено е прашањето дали линеарното зголемување предизвикува дискриминација, бидејќи пензионери со подолг работен стаж, повисоки уплати и повисока основица можат да добиваат помало зголемување на пензијата во споредба со пензионери со пониски пензии.

Уставниот суд исто така потенцира дека пензијата е стекнато имотно право, гарантирано со член 30 од Уставот, кој го штити правото на сопственост. Постои сомнеж дали со оспорената одредба се ограничува правото на сопственост на пензионерите со повисоки пензии.

Судот ќе разгледува и дали законското решение е оправдано и избалансирано, земајќи ги предвид и критериумите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, според кои разликата во третманот е дискриминирачка доколку „нема објективно и разумно оправдување“ или ако не постои „разумна пропорционалност помеѓу средствата и целта“.

Во однос на иницијативите поднесени од Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска за други членови од законот (член 3 и член 18), Судот ги отфрли бидејќи овие одредби се од времен карактер и повеќе не се дел од правниот промет.