Утре православните верници ја одбележуваат славата посветена на светите браќа Козма и Дамјан, познати како Свети лекари – заштитници на медицинската професија и на сите кои им помагаат на болните.
Многу здравствени установи во земјава го чествуваат овој ден како своја слава, во чест на светците кои според преданието лекувале без да бараат надомест, „не заради придобивка и збогатување, туку заради Бога“.
Иако не се означени со црвена боја во црковниот календар, Светите лекари се меѓу најпочитуваните светци во православната традиција. Постот на овој ден не е задолжителен.
Според легендата, Козма и Дамјан лекувале сите луѓе – без разлика на верата или народноста, а единственото што барале било нивните пациенти да не го изговараат залудно името Христово.
Народното верување вели дека овој ден е поволен за молитва за здравје и исцелување. Се смета дека не треба непотребно да се напушта домот, а денот е добар и за физичка работа.
Верниците традиционално ја изговараат молитвата за здравје посветена на Светите бесребреници Козма и Дамјан, која, според обичајот, може да се чита 40 дена по ред за духовно и телесно заздравување.
Именден празнуваат: Кузман, Кузе, Дамјан, Даме и сите кои ги носат овие имиња.
