Утрово најстудено на Попова Шапка, измерени -4 степени

Утрово најстудено било на Попова Шапка со -4 степени, додека под нулата се спушти и во Маврови Анови со -1 степен. Во повеќе градови температурите беа блиску до нулата, а најтопло утрово било во Гевгелија со 8 степени.

Во изминатите 24 часа најмногу врнежи се измерени во Битола – 14 литри на метар квадратен, по што следуваат Демир Капија со 13 и Гевгелија со 11 литри на метар квадратен. Врнежи се регистрирани и во други делови од земјата, но со помал интензитет.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во источните делови ќе има услови за слаб локален дожд, а ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се движи од 12 до 18 степени.

Во Скопје ќе преовладува слично време – променлива облачност со сончеви интервали и умерен северен ветер, а дневната температура ќе достигне до 18 степени.