Утрово најстудено на Попова Шапка, измерени -4 степени

Утрото во земјава донесе ниски температури, особено во повисоките планински предели, каде најстудено беше на Попова Шапка со измерени -4 степени. Под нулата беше и во Маврови Анови и Крушево со -1 степен, додека на нула степени се измерени температури во Берово и Лазарополе. Со 1 степен утрото го започнаа Крива Паланка, а 2 степени се измерени во Скопје на Зајчев Рид, Штип и Виница. Во Тетово, Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци, Претор и на Скопје-Петровец минималната температура изнесуваше 3 степени, додека најтопло утрово беше во јужните делови – 4 степени во Струмица, Охрид и Демир Капија, и 6 степени во Гевгелија.

Податоците за изминатите 24 часа до 7 часот покажуваат слаби и локални врнежи, а снежната покривка е присутна само на планините, без значајни промени во висината.

Се вчитува...

Времето денеска ќе започне облачно, а во крајните југозападни делови ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер, кој попладне на одредени места долж Повардарието повремено ќе засилува од северен правец.

Максималните дневни температури ќе се движат во интервал од 4 до 10 степени.

Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, а попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а максималната температура ќе достигне околу 7 степени.