Градот Скопје најави дека празничниот дух годинава повторно ќе се врати на плоштадот „Македонија“, каде со свечена програма, музика и богати содржини ќе биде означен почетокот на новогодишните и божиќните прослави во главниот град. Настанот ќе се одржи на 15 декември, во 18 часот, а организаторите најавуваат многу изненадувања за посетителите од сите возрасти.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски упати покана до граѓаните да присуствуваат на заедничкото „осветлување“ на градот, истакнувајќи дека празниците се време кога Скопје повторно заблескува со радост и заедништво.
„Нашиот град е најубав кога свети од насмевки и празнична магија. Сите ја заслужуваме топлината што ја носат празниците. Затоа со огромна радост ве поканувам да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика и подароци, како и омилените херои што ќе ги израдуваат најмалите“, порача Ѓорѓиевски.
Тој најави дека веќе од 16 декември ќе следуваат секојдневни настани и активности, кои ќе траат до самата Нова година. Според градоначалникот, новогодишната ноќ ќе донесе спектакуларен дочек кој Скопје долго ќе го памети.
Градот Скопје ги повикува сите граѓани да се приклучат на отворањето на празничната сезона и да ја споделат најубавата празнична енергија на плоштадот „Македонија“.
