Италијанците реагираа со негодување на веб-страницата Phica.eu со стотици илјади корисници откако се дозна дека сексистичката „онлајн“ платформа со години собирала, уредувала и менувала фотографии од жени без нивно знаење и согласност, придружени со вулгарни коментари.
Некои од фотографиите на страницата беа изменети и придружени со срамни, вулгарни и насилни коментари. Меѓу целите на сексистички напади на страницата беа премиерката Џорџија Мелони, лидерката на опозицијата Ели Шлајн, инфлуенсерката Кјара Ферањи и европратеничката Алесандра Морети.
Целиот случај излезе на виделина кога локалната советничка од Латина, Валерија Кампања, ги откри нејзините фотографии на контроверзната страница и поднесе тужба.
„Денес сум згрозена, лута и разочарана. Но, не можам да молчам“, напиша 24-годишната девојка на Фејсбук. Морети, чии слики, фотографии и снимки од телевизиските емисии во кои се појавила биле украдени и изменети, а потоа им биле достапни на илјадници корисници, исто така поднесе тужба против веб-страницата.
Таа рече дека вулгарните коментари влијаеле врз нејзиното ментално здравје и ја загрозуваат безбедноста на другите жени. Phica.eu објави дека ја затвора својата веб-страница бидејќи, како што рече, „не биле во можност навреме да го спречат целото токсично однесување“.
„Целата содржина ќе биде избришана“, рекоа администраторите на страницата. Сличен скандал се случи претходно со италијанската Фејсбук група „Mia Moglie“ (Мојата сопруга), која исто така неодамна беше затворена. Во таа група, повеќе од 30.000 мажи споделија фотографии од своите партнерки во воајеристичката заедница, исто така придружени со непристојни коментари.