Вечерва критично во Охрид и Кочанско, падна ѕид во Мала Речица – реките се излеваат, екипите се на нозе

Состојбата со врнежите останува сериозна ширум целата држава. Според најновиот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК) заклучно со 18:00 часот, најкритично е во Охридско и во Штипско-кочанскиот регион каде има излевања на реки, додека во Тетовско е регистрирано уривање на потпорен ѕид.

Еве ја деталната состојба по региони:

Се вчитува...

ШТИП И КОЧАНИ: Излеани три реки, полицијата регулира сообраќај

Во источниот дел водостојот на реките е драстично зголемен.

  • Кочанска Река: Се излеа локално кај селото Горни Подлог – механизација на КЈП Водовод веќе интервенира.
  • Оризарска Река: Излевање има кај селото Грдовци. Таму интервенира Водостопанство „Брегалница“, а полицијата го обезбедува местото и го регулира сообраќајот.
  • Зрновска Река: Излеана е пред вливот во Брегалница.
  • Одрони: На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса има одрон каде интервенира „Македонија Пат“.
  • Напомена: Злетовска Река и Брегалница се со висок водостој, но засега се во коритата.

ОХРИД И КИЧЕВО: Населува Далјан под вода, во Кичево се грижат за евакуираните

Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан каде се излеа реката Далја. На терен е вистинска мобилизација: ЈП Водовод, Нискоградба и Комуналец работат со механизација, додека Противпожарната единица и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) испумпуваат вода од поплавените објекти. Се штити и патот кон селата Ливоишта и Вапила од надојдената Коселска Река.

Во Кичево, состојбата на поплавената улица „Прилепска“ е непроменета. Црвениот крст и Општината се грижат за евакуираните семејства, додека екипите продолжуваат со испумпување.

ПОЛОГ: Падна ѕид во Мала Речица, се чисти Шапка

Во Тетовско, екипите се борат на повеќе фронтови:

  • Мала Речица: Полицијата и инспекторите се на терен поради уривање на потпорен ѕид.
  • Желино: Интервенции кај Стримница и Палатица поради излевања.
  • Попова Шапка: Приватна фирма со механизација го расчистува патот.

ПЕЛАГОНИЈА И КУМАНОВО: Превенција и испумпување

  • Битола: Се интервенира во населбата Стрчин, се расчистува регионалниот пат Р-2333, а будно се следат реките Шемница и Црна.
  • Ресен и Демир Хисар: Се врши испумпување на вода од загрозени површини.
  • Кумановски регион: Се врши превентивно посолување и расчистување на ризичните патни делници во Куманово, Липково и Крива Паланка.