Утре православните христијани ќе го одбележат празникот Свети Димитриј Солунски, познат како Митровден, посветен на големиот христијански воин и заштитник од злото.
Покрај црковното значење, Митровден е оплета со народни обичаи и верувања, особено за предвидување на времето и зимата, како и за внесување благослов во домот.
Според традицијата, вечерта пред Митровден е важно да се завршат сите големи обврски – од плаќања и договори до чистење и средување на домот – за да се привлече среќата во текот на целата година. Домот треба да биде чист и уреден, со запалена свеќа или кандило пред иконата на светителот, а семејството да се собере на заедничка вечера со молитва за заштита. Се подготвуваат и обредни јадења како погача и жито, според старите обичаи.
За мир и благослов во домот, вечерва не треба да се излегува без причина, ниту да се ноќева надвор, освен ако е неопходно. Исто така, се верува дека не треба да се караат децата, за да останат мирни и благословени низ целата зима. Се избегнуваат кавги, пцуење и тешки зборови, бидејќи Митровден е ден за помирување и позитивна енергија.
Еден интересен обичај се однесува на запалување ламба, свеќа или фенер на прагот или прозорецот свртен кон улица, со цел да се повика светителот во домот, да донесе мир, топлина и заштита од зло. Лампата треба да гори цела ноќ до утрото.
Според народните верувања, времето вечерва и утре најавува каква зима ќе имаме: ведро небо ветува блага зима, дожд или врнежи најавуваат влажна, но не многу студена зима, додека мраз или снег претскажаат долга и студена зима.