Македонија

ВЕЛИКИ ПОНЕДЕЛНИК: Започнува Страдалната седмица, црквата се сеќава на праведниот Јосиф и неплодната смоква

ВЕЛИКИ ПОНЕДЕЛНИК: Започнува Страдалната седмица, црквата се сеќава на праведниот Јосиф и неплодната смоква

Денеска е Велики понеделник, првиот ден од Страдалната (Страстна) седмица пред празникот Велигден. На овој ден, православната црква и верниците си спомнуваат за две значајни библиски приказни кои го симболизираат и најавуваат Христовото страдање: животот на целомудрениот Јосиф и проклетството на неплодната смоква.

Јосиф Прекрасни: Животен пат кој го најави Христовото распетие

Јосиф, синот на патријархот Јаков и Рахила, во христијанството се смета за праобраз (најава) на Исус Христос. Неговиот животен пат е исполнет со предавства, но и со крајна победа на доброто.

  • Предавството: Поради љубомора, Јосиф бил фрлен од своите браќа во длабока јама. Потоа бил продаден како роб за 30 сребреници – чин кој директно го симболизира предавството на Јуда кон Христос.
  • Искушението и затворот: Во Египет бил лажно наклеветен од сопругата на неговиот господар (откако ја одбил нејзината неморална понуда) и бил фрлен во мрачен затвор.
  • Победата: Преку Божјата мудрост и способноста да толкува соништа, тој излегува од затворот, станува господар на Египет и го спасува народот од глад, делејќи им пченица.
  • Симболиката: Како што Јосиф излезе од ропството за да владее, така и Христос, по предавството за 30 сребреници и слегувањето во темниот гроб, воскресна за да владее над секој грев. Како што Јосиф го хранеше народот со пченица, така Христос го искупува светот нудејќи го „небесниот леб“ – Своето животоносно Тело.

Тајната на исушената смоква: Предупредување за душа без плодови

Вториот настан кој се чита во евангелијата на Велики понеделник е Христовото проколнување на неплодната смоква, настан кој се случува веднаш по Неговото влегување во Ерусалим (Цветници).

Смоквата симболично го претставува дрвото на непослушноста, чии лисја првите луѓе ги искористиле за да се покријат по гревопадот. Според светите отци, гревот често се споредува со смоквата бидејќи на почетокот нуди слатко задоволство, но подоцна носи горчина во совеста.

Духовната порака: Неплодната смоква претставува секоја човечка душа која е празна и нема духовни плодови. Овој настан служи како страшно предупредување – душата која не носи плодови достојни за доблест, на крајот ќе се исуши духовно и ќе ја изгуби Божјата благодат.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни