Бездомни лица не се евидентирани само на Вардариште, туку и на повеќе други локации низ Скопје. Заменик-министерот за социјална политика, демографија и труд, Ѓоко Велковски, изјави дека е подготвено решение за нивно сместување, по моделот на типските куќи во штипската населба Мирјанина Црква.
„На различни места во Скопје имаме вакви диви населби – во Визбегово, во Бутел, кај поранешниот дом ‘Ранка Милановиќ’, како и на Вардариште кое беше актуелно пред изборите. До Владата е доставена информација со конкретни активности и целосен акциски план,“ изјави Велковски по почетокот на изградбата на новата градинка во Ѓорче Петров.
Според него, не е доволно само луѓето да се отстранат од импровизираните живеалишта, туку мора да се изгради трајно решение преку нови станбени објекти за сите лица кои немаат дом.
„Потребно е да се обезбедат средства за спроведување на акцискиот план, за да може овие лица соодветно да се дислоцираат и да добијат соодветно сместување. Информацијата е веќе во владина процедура,“ додаде тој.
Велковски посочи дека процесот ќе трае подолго, бидејќи е поврзан со трајно решавање на станбеното прашање на најранливите категории. Како успешен пример го наведе Штип, каде што во новите типски куќи финансирани од ЕУ и Општина Штип веќе се сместени 36 семејства кои претходно живееле во лоши услови.