Дел од Штип денеска остана без вода поради оштетување на главната водоводна линија 2. Дефектот настанал во текот на изведување градежни активности, поради што дел од корисниците се соочуваат со прекин или намален притисок во водоводната мрежа.
Од ЈП „Исар“ информираат дека без вода се дел од корисниците на улицата „Слободан Јовановски“, булеварот „Гоце Делчев“, како и жителите на населбите Пребег, Железничка и Три Чешми.
Според информациите објавени од локални извори, до оштетувањето дошло при градежни активности на терен, при што механизација на градежната компанија „Актива“ ја оштетила главната водоводна линија.
Инцидентот се случил денеска, понеделник, 5 октомври, при изведување работи на терен. Поради оштетувањето на главната цевка, во делови од градот се очекуваат прекини во водоснабдувањето или намален притисок сè додека не заврши интервенцијата.
Екипите на ЈП „Исар“ веднаш излегле на терен и работат на отстранување на дефектот, со цел водоснабдувањето да биде нормализирано во најкраток можен рок.
Од јавното претпријатие ги повикуваат граѓаните на трпение и разбирање додека трае интервенцијата. По нормализирањето на водоснабдувањето, апелираат водата да се користи рационално.