Вистинската драма се одвиваше денес на аеродромот во Милано, кога еден маж ги запали шалтерите, а потоа почна да ги брка патниците и со чекан кршејќи сè што ќе му се најде на патот!
Сè се случило во утринските часови во зоната за пријавување на патници на Терминал 1 на аеродромот Малпенса.
Според сведоците, еден маж се појавил во просторијата за пријавување со чекан и почнал да удира по мониторите што прикажувале информации за дојдовни и појдовни летови. Потоа предизвикал пожар на истото место, во близина на местата за заминување, веднаш до излезот број 13.
По неколку моменти, тој беше совладан од обезбедувањето на аеродромот со помош на неколку минувачи, додека другите патници го напуштија терминалот во паника.
Досега нема извештаи дека летовите биле погодени од инцидентот, а терминалот останал отворен во текот на целата интервенција.
Пожарникарите, исто така, пристигнале на местото на настанот, го изгаснале пламенот и го проветриле терминалот за да го исчистат чадот. Сè уште не е познато кој е приведениот маж ниту што го навело на ова дело.
Според првите информации, се претпоставува дека станува збор за еден од патниците. Реагирале и службите за итна медицинска помош, но засега нема информации за жртви или повредени.