ВИДЕО: Антиваксери упаднаа во студиото на јавниот сервис во Словенија

Противниците на епидемиолошките мерки и вакцинацијата во Словенија упаднаа во петокот вечерта во просториите на РТВ Словенија и насилно влегоа во студиото на информативната програма.

Демонстрантите со недели протестираат пред зградата на јавниот сервис, протестирајќи против се што има врска со пандемијата со коронавирус, пишува хрватски Дневник.

Под водство на Ладислав Троха, водачот на движењето ОПС, демонстрантите делеа летоци со барање за безбедни училишта и факултети без маски, кога упаднаа во словенечкиот јавен радио -телевизиски сервис, во петокот околу 20:30 часот.

Новинарката Барбара Видмајер објави видео од упадот на Твитер, а движењето во живо го емитуваше упадот во просториите на јавната телевизија на својот профил на Фејсбук.

Мораше да интервенира и полицијата, која, објави дека некои демонстранти, кои инаку биле присутни на пријавениот собир, влегле во зградата на медиумската куќа: Тие не ги почитуваа наредбите на обезбедувањето, што доведе до интервенција на полициски службеници за да се обезбеди јавен ред.

Околу 20 демонстранти кои не носеа маски беа евакуирани од зградата, објави РТВ Словенија. Ќе се преземат мерки против прекршителите во согласност со законот, објави полицијата, а генералниот директор на РТВ Словенија Андреј Грах Ватмоу во емисијата Одмеви рече: Тоа е тежок напад врз нашата куќа и јавните медиуми, што најостро го осудуваме. Направени се многу напори за подобрување на оваа состојба за четири месеци.