ВИДЕО Авион удри во автомобил на автопатот во Флорида

Необична сообраќајна несреќа се случи на јужниот автопат I-95 во Кока, Флорида, кога мал приватен авион удри во задниот дел на Тојота Камри што се движела во иста насока, пренесува „Њујорк пост“. Инцидентот се случил околу 17:45 часот, соопшти Флоридската автопатска патрола.

Снимки од камерата во автомобилот покажуваат како авионот, во обид за итно слетување, се урнал на прометниот автопат и го погодил автомобилот. Авионот се одби од задниот дел на Тојотата пред да падне на страна, додека од местото на ударот летале искри.

57-годишната жена што управувала со автомобилот била пренесена во локалната болница и, за среќа, претрпела само полесни повреди. Пилотот, 27-годишник од Орландо, и неговиот 27-годишен патник од Темпл Терас не се повредени, а останале на местото на настанот, потврдија официјални лица.

Сведоци на несреќата, Џим и Питер Кофи, ја опишаа драматичната сцена: „Само го видовме авионот како паѓа од небото. Помисливме дека можеби ќе се сврти и нема да удри автомобилот, но – бум – тркалото директно го удри задниот дел од автомобилот“, изјави Џим Кофи.

Снимките покажуваат тресење на багажникот на автомобилот и оштетување на носот и тркалото на авионот.

Федералната администрација за авијација (FAA) ќе ја испита причината за принудното слетување, додека Флоридската автопатска патрола ќе ја истражи самата несреќа.