Градот Скопје денеска започна силна и одлучна акција за воспоставување ред во јавниот превоз. Инспекторатот на Градот, предводен од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ќе се фокусира на дивите превозници – такси-автомобили, комбиња и автобуси кои со години работеле без лиценца, без контрола и надвор од пропишаните правила.
„Законите мора да се почитуваат, ред ќе има! Целта е јасна – да се заштитат граѓаните, да се воведе фер конкуренција и да се почитуваат законите кои важат за сите“, истакна Ѓорѓиевски.
Со новата акција, возилата што работат нелегално ќе бидат одземани на период од шест месеци, а инспекторатот ќе изрекува казни со платен налог. Засилените контроли ќе продолжат секојдневно, со уште поголем интензитет во наредните денови.
„Целта не е да казнуваме по секоја цена, туку да создадеме здрав систем каде што секој што работи ќе биде легален, одговорен и во интерес на граѓаните“, додава градоначалникот.
Градските власти нагласуваат дека ова е еден од чекорите со кои се враќа достоинството на Скопје, обезбедувајќи безбеден, сигурен и предвидлив јавен превоз за граѓаните.
„Скопје мора да биде град во кој законите важат за сите, каде редот е правило, а не исклучок. Промените почнаа, а нашиот град секој ден ќе станува поуреден, побезбеден и подобро организиран“, заклучи Ѓорѓиевски.