ВИДЕО Хаос во Албанија: Илјада домови поплавени, едно лице загина

По обилните врнежи што го погодија Албанија, поплавени се околу илјада домови и повеќе од 1.500 хектари земјоделско земјиште, евакуирани се стотици семејства, оштетени се мостови, а регистрирана е и една жртва.

Најпогодени од поплавите се региите Лежа, Пешкопје, Фиер, Берат, Корча, Ѓирокастра и Влора, каде високите речни текови и обилните врнежи предизвикаа бројни проблеми на терен.

– Немаме масовни евакуации, туку само привремени во неколку општини, а во Влора се евакуирани 52 семејства, во регијата Корча 18 семејства, а во други делови од земјата неколку семејства – изјави министерот за одбрана Пиро Венгу од Мобилниот центар за цивилни вонредни ситуации при Националната агенција за цивилни вонредни ситуации.

Според неговите зборови, во Лежа се поплавени 600 домови, во Корча 300, во Влора 52, а во Фиер 25.

Една жртва на поплавите е регистрирана и во село близу Девол, а покрај тоа, оштетени се околу 20 мостови, од кои некои ќе треба целосно да се обноват. Венгу додаде дека управувањето со каскадата на Дрим, каде се наоѓаат трите најважни хидроелектрани, е клучно за избегнување на потенцијално катастрофална ситуација во Шкодра.

На терен се присутни и припадници на Армијата на Албанија, кои активно се вклучени во спасувачки и евакуациски операции, дистрибуција на храна и зајакнување на насипи и брани, изјави албанскиот министер за одбрана.