(ВИДЕО) Колекционери на минијатурни автомобили: „Колички“ за возрасни со кои децата не смеат да си играат

За најголемиот дел од луѓето, малите метални автомобилчиња се само играчки за деца, но за Аце Дејановски од Куманово колекцијата од 2.500 минијатурни, на кумановски „автичики“ претставува чиста страст, хормон на среќа и чувство на сентименталност.

Собирањето и чувањето на овие минијатурни автомобили е популарна култура која се нарекува „Die-cast“ поради изработката на играчките од течен метал . Самиот израз доаѓа од начинот како се изработуваат. Се работи за процес на леење на некои видови на метали како што се: легура на алуминиум, цинк или олово.

– Собирам колички десет години. Секој колекционер има свој размер на модел кој го собира. Јас собирам во размер 1:64, а моите колеги 1:43 и 1:24. Најчестите размери се: 1:18, 1:24, 1:32, 1:43 и 1:64. Ја обожавам јапонската култура и затоа собирам најмногу јапонски автомобили како „нисан“, „датцун“ и „мазда“. Тие ми се пасија, иако имам и британски, германски и американски модели, вели Аце Дејановски, еден од најголемите колекционери на колички.

Моделите на автомобили почнале да се произведуваат речиси во истовреме со вистинските автомобили и зачетокот на ова страсно хоби датира од крајот на 19 век кога се појавила првата „Лесни“ продавница во Британија од која подоцна произлегуваат „Мечбокс“ количките.

– Пионер кај нас е Владимир Закоски Лауда коj собирал автомобили уште пред триесет години и имал околу 800 примероци во време кога немало интернет. Сега е лесно, можеш да си нарачаш што сакаш на интернет и да направиш за брзо своја колекција – објаснува Дејановски и додава:


– Преку социјалните мрежи се договараме да се сретнеме на кафе, разменуваме колички, споделуваме искуства и полесно комуницираме. Преку свои канали во Србија наоѓаме и поретки модели затоа што во Македонија немаме испорака од „Амазон“ и „И-беј“ – коментира колекционерот од Куманово.

Како што се развивала автомобилската индустрија, се развивал и квалитетот на изработка на „Diecast“ моделите. Почнале да се произведуваат со внатрешни детали, па и со отварање на вратите, на багажникот и на хаубата за да се добие пореален модел на вистинскиот автомобил.

Сепак, повеќе детали и лимитирана серија значат и поскапа колекција која е тешко да се најде, вели Александар.

– Најстариот модел кој јас го имам е „мерцедес“ од втората генерација на моделот „300 СЕ“од 1967 година од производителот “Мечбокс“. Случајно го најдов на Фејсбук. Некој човек продаваше сет од десет колички и јас сите ги купив. Оваа има мала гребаница на кровот, но и таа има вредност – потенцира Дејановски.

Она што е зачувано многу има многу голема вредност. Поретките се поскапи, но и оние што се појавиле во некој филмски класик.

– „Тојота супра“ од првиот дел на серијалот „Брзи и бесни“ чини околу 100 до 150 евра затоа што имаше мала серија примероци. Автомобилчињата од холивудските класици како онаа од филмот „Такси“ со Роберт де Ниро или „линколн“ од „Скарфејс“ се скапи затоа што се изработени во помал тираж – објасни Дејановски, познат под псевдонимот Хамато Јоши.

Дејановски купувал од сите брендови, но кога созреал како колекционер почнал да купува поквалитетни колички од „Тармак“, „Норев“ и „Пара64“.

– Јас едно време имав 8000 парчиња, но ги намалив. Имам изложено 450 најдобри парчиња од мојата колекција на специјална полица со стакло. Полицата е на три дела: модели од филмски сцени и американски брендови, модели од Европа и модели од Јапонија. Моделите мора да се затворени во стакло, затоа што прашината е најголем непријател на количките – открива Аце чиј омилен модел е „датцу 510 караван“.

Денот недела го користи да ги пребрише количките заедно со неговите деца. Целиот процес трае околу пет часа, но вели дека тоа е вистинско уживање за секој колекционер.

Тој подели и неколку совети за идните колекционери на „Diecast“.

– Не постојат строги правила, важна е само љубовта кон моделите. Без разлика дали ги сакате автомобилите и камионите, возовите и трамваите, автобусите и приколките, воените возила или класичните играчки, ќе ви биде полесно да се набават модели кои соодветствуваат едни со други и на тој начин да ја збогатувате Вашата колекција. Некои од моделите доаѓаат со фабричко куќиште. Предноста на истото е што го заштитува моделот од прашина, што е еден од најголемите непријатели на овие модели – додаде тој.

Во Македонија се среќаваат модели од производителите „Бураго“, „Маисто“, “Хотвилс“ и „Мечбокс“. Разликата кај сите е во квалитетот на легурите и во ривалството, посебно помеѓу “Мечбокс“ и „Хотвилс“.

Првиот има поголем квалитет во изработката и во деталите, но прави лимитирани серии. Секоја година по 125 модели што е двојно помалку од моделите кои ги изработува „Хотвилс“, вкупно 255 модели од разни автомобили.

Аце Дејановски заедно со Никола Серафимовски, Јовица Ѓелевиќ и Ненад Петровски од нивниот клуб „Die-Cast Club Куманово“ како едни од најголемите колекционери во Македонија досега организираа две колекционерски средби и изложби на модели.

На изложбите во Куманово беа изложени минијатурни метални колички од најразличен размер и висок квалитет на изработка и модели на автомобили кои се појавиле во филмски класици како „Batman“, „Ghostbusters“, „Mad Max“, „Back to the future“, „Fast and Furious“.

Посетителите имаа можност да видат и минијатури на автомобили кои одбележале важни светски, политички, воени и спортски настани, а можеа да се најдат и автомобили кои се возеле по македонските улици во периодот од 50-те до 80-те од минатиот век.

автор: Орце Костов
фото и видео: Орце Костов

Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното