(ВИДЕО) Култни згради преживеле војни и земјотреси, но не и негрижата на властите во Македонија и Србија

Негрижата за некои од најдобрите архитектонски решенија и белези на Скопје кои и онака тонеа во бранот на модернизмот, му ја одзеде душата на строгиот центар на градот. Ниту староградската архитектура ниту градителското наследство не се приоритет на локалната и централната власт ниту пак институциите ги слушнале повиците на архитектите за заштита на градската архитектура од првата половина на XX век кога е видлив преминот од еклектичните стилови кон модерните.

Кастрофалниот земјотрес затрупа 80% од градителското наследство, а оние згради кои преживеаја никогаш не станаа приоритет на на заштита. Меѓу нив и култните хотели „Бристол„ на улицата „Македонија и хотелот „Јадран“ на улицата „Никола Кљусев“.

Хотел „Бристол“ со синџир на врата прослави 100 години

Хотелот „Бристол“ минатата година требаше да прослави 100 години од своето постоење, но е затворен со години. Се наоѓа во близина на старата Железничката станица и е крстен според истоимениот ланец хотели. Браќата Атанас и Ристо Караџа, кои биле ценети скопски трговци и угледни граѓани, го изградиле хотелот „Бристол” во 1923 година. Во собите вовеле и телефонски приклучоци, а имале гаража со капацитет за неколку автомобили.

Познатата англиска писателка и патописец Сисилија Изабел Ендрус, позната под псевдонимот Ребека Вест, неколкупати ја посетила Македонија и престојувала во „Бристол“во периодот меѓу двете војни заедно со нејзиниот придружник Константин кој е протагонист во нејзината книга „Црното јагне и сивиот сокол”. Помеѓу нив се раѓа љубов, а огромниот орев во бавчата на хотелот кој фрла дебела сенка врз терасата на ресторанот е спомен на таа љубов која ја опишал и писателот Петре Бакевски во неговиот роман „Црно јагне, див Балкан”.

Ѕвездан Георгиевски – новинар и писател

„Хотел Бристол е една од најмаркантните згради на улица Македонија на главниот крвоток на главниот град на оваа држава. Хотел Бристол е првата модерна или една од првите модерни, тоа е хотел на семејството Караџа, изграден некаде во 30-тите на минатиот век. Ја издржа Втора светска војна, го издржа и земјотресот во 1963 година чиј епицентар беше токму тука на улицата. За жал последните десетина година нема да ја издржи човековата ајкавост. Оваа бавча ми е особено важна затоа што голем дел од животот поминав тука, имав своја маса во аголот тука. Бристол беше дел од големата боемска петорка кафеани, така ги викавме во некое мое време, во 70- и 80-те години на минатиот век“, раскажува легендарниот новинар и писател, Ѕвездан Георгиевски за боемските денови поминати во култниот Бристол.

Тој со носталгија се сеќава на хотелот и вели дека му е жал што толку згради со некаква лажна историја се изградени околу него, а Бристол кој има своја историја, е оставен да пропадне сам од себе.

„Во Бристол наводно престојувале многу славни имиња, Ребека Вест се спомнува, Станислав Винавер српскиот поет. Се спомнува дури и нивната наводна љубовна приказна. Тоа е урбан мит, бидејќи на ова место беше депандансот на хотелот кој се сруши во земјотресот, а Оревот изникна на урнатините. Мене ми е секогаш добро да го гледам хотелот од контекст на раѓање на град. Се гледа по него дека е или некоја копија или работено по стилот на големите европски градови. Цела улица Македонија, низ неа може да се види историјата на граѓанската класа во Скопје.
Секогаш ми е драго кога ќе видам зачетоци на граѓанска класа во Македонија што ми дава надеж дека некогаш можеме да бидеме и граѓанска држава – вели Георгиевски за „Бристол“ кој беше сведок и на атентатот врз првиот македонски претседател Киро Глигоров.

12 години по затворањето на Бристол, компанијата сопственик наводно чека измени на Деталниот урбанистички план за да го реновира, но за архитектот основач на порталот за архитектура„Марх“, Филип Конески чекањето нема логика бидејќи таквата пракса говори најчесто за поинакви намери.

– Кога инвеститор чека измени во плановите, тоа е поради промена на градежна линија, зголемување на габарит и катност, симнување на заштита и слични сомнителни очекувања особено кога станува збор за објект од културното наследство, кој не треба да се менува туку сочува. Но, да не шпекулирам непотребно, останува да видиме. Околу состојбата на Хотел Бристол, од тоа што се забележува е во процес на сериозно пропаѓање и општ заборав на култното место од страната на жителите што го прави место на спомени но и можности – вели Конески.

„Јадран“ е прогласен за историски споменик на културата во 1989 година

Хотелот „Јадран“, пак, пред да стане угостителски објект бил познат како „Арапска куќа„ и се наоѓа во строгиот центар на Скопје на малиот плоштад кој го носи неговото име, сквер Јадран. Градбата била дело на архитектот Иван Артемушкин, руски мигрант кој ја завршил во 1938 година, а ориенталната архитектура била сопственост на браќата Дикиџијан кои биле трговци со ерменско потекло познати по производството на свилени шамии во Скопје. Градската легенда вели дека Агоп Дикиџијан ја гради оваа вила како подарок за својата невеста Агавни.

Поради својата архитектонска особеност, Арапската куќа е прогласена за историски споменик на културата, а нејзиното последно преуредување е направено во 1989 година.

– Хотелот Јадран последен пат го имам посетено за потребите на средношколското образование. Од надвор фасадата сеуште е во добра состојба, но во внатрешноста треба да се направи увид и проценка. Мислам дека хотелите треба да си ја задржат сопствената оригинална функција, бидејќи овој сектор во Скопје е во експанзија. Само во центарот се подигнати повеќе од 10 хотели изминатата декада – вели Конески.

Тој смета дека она што треба овие два објекти да понудат е токму различноста која ја поседуваат, а тоа е историската вредност и архитектурата преку што се создава силен бренд.

– Скопје не поседува ентериери од еклектичните периоди, ова е можност да се посвети особено внимание кон тоа што се случува внатре со цел да се постигне формата на жив и функционален музеј – истакна архитектот од Скопје.

Градителското наследство во Скопје не ги интересира политичарите

Во строгиот центар на улица Македонија и во Дебар Маало се наоѓаат последните објекти на еклектичниот стил кои имаат потреба од итна валоризација и санација. Амбиенталните целини долж улиците „Македонија“, „Орце Николов“, „Максим Горки“, „Илинденска“, „Ленинова “ и другите помеѓу како од добата на еклектиката така и на модерната и постмодерната треба да станат дел од проект на долги стази за зачувување на староградската архитектура, сметаат архитектите од „Марх“, портал посветен на македонската архитектура.

Според нив, објектите треба да се валоризираат и инкомпорираат во урбанистичките планови, а потоа градот преку посебни програми и буџети за кои може да конкурира по светските и европските фондови да пристапи кон санација на фасадите и столаријата. Кај оние кај кои е потребно, може да се интервенира и во сеизмичката стабилност.

Во 2021 година пред локалните избори за градоначалници, архитектите креираа предлози за заштита и конзервација на староградската архитектура, но велат дека досега не се исполнило ништо.

– Предлозите до локалните власти, беа актуелизирани пред тогашните локални избори, што беше во насока на давање идеи за дополнување на нивните програми, кои често не опфаќаат повеќе од тротоари, игралишта и по некоја улица. Критичната состојба на нашето културно наследство не дозволува да стоиме од страна затоа и често повикуваме и алармираме. По тогашните предлози до градоначалниците, една мала советничка група во Општина Центар ја прифати оваа иницијатива и предложи заштита на дебармалската еклектика и модерна, но поголемите партии истата на ја изгласаа, што укажува на очигледно свесното одбегнување на овие прашања поврзани со градителското наследство, бидејќи некој очигледно има поинаков интерес. Што се исполни досега? – Ништо! – откри Филип Конески.

Архитектот Конески: Државата и Градот Скопје мора дополнително да инвестираат во заштита на објектите

Архитектот од Скопје смета дека општата состојба на историските градби во Скопје е повеќе од загрижувачка, а ние немаме никаков однос кон нив.

– Кај многу од објектите заштитата е симната, или пак степенот на заштита е променет, додека урбанизмот не ги третира соодветно. Погледнете ја скопската тврдина, една неразбирлива запуштеност и неорганизираност во центарот на метрополата. Погледнете ја старата скопска чаршија, нападната од нови интервенции, за која сите молчат и набљудуваат и покрај нашата гласност. Пред очите на Управата за заштита беше срушен објект од XIX век. Погледнете го метастазираниот урбанизам што и направи на Старата Железничка Станица, дозволи дел од неа да биде дорушена за да се реализира Трговски Центар, погледнете ја Саат кулата за која многу скопјани ниту знаат дека постои, обвиена од секакви згради без никакви отворени визури кон неа, видете наоколу и ќе ја забележите игнорантската летаргија насекаде. Ние немаме однос кон она што го имаме – не сме достојни на нашите предци – ја изрази Филип својата загриженост.

За да се заштити историското наследство треба да се направи една опсежна евалуација на целокупното наследство од сите периоди ( заклучно со модерната и постмодерната), нивно мапирање, одредување степен на заштита, поставување на урбанистички норми за нивната околина, наметнување на истото во деталните планови но и во ГУПот на Скопје.

– Државата и Градот Скопје, мораат да инвестираат дополнително во заштитата, секако прво преку легислативата, а потоа преку креативно менаџирање на нивната оддржливост. Во Македонија секојдневно исчезнува нешто од наследството, губејќи ја директната врска со историјата, која се повеќе ќе ја учиме од фотографиите за жал. Пасивното делување повеќе не помага, потребни се сериозни инвестииции во заштитата. Доколку може да се земе кредит за пат Кичево – Охрид од 650 милион евра, зошто не би можео да се земе кредит од 100 милиони евра за заштита на историските јадра?! Таква инвестиција е директен влог во урбаното и руралното ткиво, го подобрува животот на локалното население и станува ресурс за туризам, додека овие заборавени струки како конзерватори, реставратори и сите останати ќе се воскреснат преку повеќегодишни проекти – додаде Конески.

Градска наемна палата во Суботица: Културно богатство кое чека реновирање додека се околку него се реставрира

Негрижата на институциите за најубавите архитектонски зданија не се приоритет ниту на северот од Србија, односно во преубавиот град Суботица. На 620 километри од Скопје, се наоѓа Градската палата за изнајмување која е една од најубавите архитектонски решенија во Суботица, сместена во срцето на градот и под највисок степен на заштита на Меѓуопштинскиот завод за заштита на спомениците на културата од Суботица.

Околу неа се реставрира и реконструира речиси се: фасадата на Градската библиотека, Народниот театар, фонтаната, но не и Градската палата.
Градот Суботица во 2019 година аплицираше на јавен повик и доби средства за финансирање и кофинансирање проекти од областа на локалниот економски развој, потпишувајќи договор со Управата за капитални инвестиции за трансфер на средства наменети за санација, реконструкција и реставрација на уличните фасади на три згради во Арт Нову стил во центарот на градот, меѓу кои беше и Градската палата за изнајмување.

Сепак, тие средства беа суспендирани во 2020 година поради пандемијата на коронавирусот и оттогаш нема индикации дека овој објект може да биде обновен. Реставрацијата е скапа, а Градот Суботица и Меѓуопштинскиот завод за заштита на спомениците на културата Суботица немаат пари за тоа, па единствен начин за реставрација на овој објект е да аплицираат во разни фондови, и покраински и републички, како и меѓународни.

Гордана Прчиќ Вујновиќ, архитект – конзерватор, советник на Меѓуопштинскиот завод за заштита на спомениците на културата Суботица, вели дека Градската наемна палата е поинаква од другите и се издвојува не само поради кубатурата, играта на маси, едноставност, туку и поради нејзината декорација која ја издвојува од сите Арт Нову згради.

– Овој објект е изграден во периодот од 1911 до 1913 година. Градот одлучил да распише тендер за изградба на Градската палата за изнајмување, за да ги следи сите оние земјопоседници и инвеститори кои изградиле свои палати за изнајмување низ градот, па Градот станал и инвеститор на Градската палата за изнајмување. Објавен е конкурс и за чудо победил сосема непознат архитект Пал Вадас.

Во 2019 година, последен пат кога слушнавме дека се планираат некои средства за реконструкција, беа вклучени пет-седум згради. Градот потоа побара од нас препорака кои се најзагрозените и најзначајните градби на Арт Нову, бидејќи сме водени како град на Арт Нову, кој треба да се реставрира. Меѓутоа, парите се повлечени поради пандемијата. Не сум оптимист за реставрацијата, бидејќи навистина се работи за многу пари. Колку што знам, според таа анкета од 2019 година беше околу 85 милиони динари (околу 800.000 евра), денес е двојно.

Градот во минатото имаше добра традиција годишно да обновува две-три згради во центарот на градот, но веќе неколку години од тоа нема ништо. Сега, би било добро на ниво на Град, секоја година да се поправаат барем една или две фасади. Мислам дека тоа е решението. Друго решение се натпреварите. Како Институт немаме сопствени ресурси да направиме ништо, но се натпреваруваме со покраината и со републиката, сепак, секогаш има три или четири проекти, но такви згради има толку многу, особено сега, бидејќи претежно црквите имаат предност бидејќи се навистина уништени.

Во 2001 година зградата на Градската палата за изнајмување беше ставена под заштита, односно беше означена како културно богатство. Таа е под најголема заштита, таа е споменик на културата и има најстроги мерки дури и за реставрирање, како што е оригиналната форма или материјалот.

Во 1985 година започна акција со реновирање на одредени објекти, но тогаш имаше Комисија за разубавување на градот која одигра голема улога во тој процес. Треба и денес да има слична комисија која ќе ја заштити убавината на овој град затоа што мислам дека ќе го изгубиме таков како што е и веќе го губиме. Во суштина, како што го градиме градот, градот ќе не гради нас. Младите генерации, за жал, ќе бидат лишени од одредени квалитети во кои сме израснале – вели Гордана Прчиќ Вујновиќ, архитект – конзерватор.

Автори:
Орце Костов
Јулијана Патарчиќ
Фото и видео: Орце Костов, Јулијана Патарчиќ

Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното