Македонија

ВИДЕО Левица предлага шестчасовен работен ден без намалување на платата: „Ова е природен чекор за модерното време“

ВИДЕО Левица предлага шестчасовен работен ден без намалување на платата: „Ова е природен чекор за модерното време“

Парламентарната партија Левица предлага работното време во земјава да се скрати на шест часа, без да се намалат платите на вработените. Предлогот е поднесен во Собранието и, според пратеникот Амар Мециновиќ, истиот не предизвикува буџетски трошоци и одговара на технолошкиот напредок и современите потреби на работниците.

„Нашиот предлог е внимателно осмислен, без наметнување темпо и со целосно избегнување трошоци за буџетот. Доаѓа природно во време кога продуктивноста расте благодарение на технологијата“, изјави Мециновиќ на денешната прес-конференција.

Тој истакна дека осумчасовното работно време е остаток од индустриската ера и не одговара на денешните реалности, каде што обврските на работниците се сè повеќе автоматизирани и дигитализирани. Според него, современиот работен ден е обележан со анксиозност, хроничен замор и недостиг на време за семејството и личниот живот.

Мециновиќ потсети дека Левица претходно предложила и зголемување на платите според моделот на синдикатите, но тој предлог не поминал. Новиот предлог, како што вели, е базиран на анализи и искуства од други земји како Исланд, Јапонија, Шведска, Франција, Германија и Велика Британија, каде што веќе се применуваат пократки работни денови. Во регионот, Црна Гора веќе го скрати работното време.

„Резултатите од анализите се јасни – зголемена продуктивност, подобро ментално здравје, помалку отсуства и поголема лојалност кон работата. Ниту една економија не претрпе удар, напротив – многу компании пријавиле раст“, додаде Мециновиќ.

Тој апелираше до синдикатите, работничките здруженија и политичките партии да дадат поддршка за оваа иницијатива.

Во одговор на новинарско прашање за истрагата за трагедијата во Кочани, Мециновиќ оцени дека првичната истрага била манипулативна и дека дел од осомничените блиски до ВМРО-ДПМНЕ биле ослободени. Тој тврди дека Левица поднела кривична пријава против премиерот Мицкоски за, како што рече, „попречување на правдата и изземање на лица од истрагата“, и само поради институционалниот притисок на опозицијата дошло до поместување во истрагата.

„Истрагата беше во насока на прикривање на блиските до власта. Јавноста изврши силен притисок, но и понатаму не сме задоволни. Власта се подготвува да ги блокира нашите барања за надзорна расправа“, изјави Мециновиќ.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни