Македонските танчери од „Eureka Dance Company“ викендов го освоија првото место на Светското првенство во танц, кое се одржа во Љубљана, Словенија.
Со својот спектакуларен настап на кореографијата „You Against You“, тие успеаа да се изборат за златото и да ја запишат Македонија во историјата на светскиот танц. Уште поголема радост предизвика фактот што и второто место го освои македонска танцова група, па целиот победнички подиум беше обоен во црвено-жолти бои.
Двете екипи заедно ја исполнија македонската химна, создавајќи емотивен и горд момент за сите присутни.
„На сцената бевме 58 танчери. На првенството учествуваа околу 4.300 учесници од 33 земји. Македонската химна се пееше на цел глас – емотивно е мал збор. Испишавме историја“, порачаа од студиото Eureka Dance Company.
Второпласираните танчери настапија со кореографијата „Учи ме мајко карај ме“, која исто така го воодушеви жирито и публиката со својата енергичност и изразена емоција. Со овој успех, македонските танчери уште еднаш потврдија дека талентот, посветеноста и љубовта кон танцот не познаваат граници.