ВИДЕО Париско обвинителство: Крадците украле осум непроценливи предмети од Лувр

Крадците кои синоќа го ограбија парискиот музеј Лувр украле осум предмети од непроценлива вредност, а деветтиот, кој се обиделе да го однесат, бил пронајден на самото место, изјави париската обвинителка Лор Беку.

Париско обвинителство: Крадците од Лувр украле осум непроценливи предмети

Беку во изјава за телевизијата BFM рече дека крадците не го таргетирале ниту украле светски познатиот дијамант „Регент“, кој се наоѓа во истата галерија во која упаднале, а чија вредност се проценува на повеќе од 60 милиони долари.

Таа истакна дека, според првичните извештаи, во кражбата во Лувр учествувале четворица маскирани мажи, кои избегале со мотоцикли.

Обвинителката додаде дека истражителите располагаат со снимки од видео-надзорот на музејот и градот, и дека се очекува граѓаните да соработуваат во истрагата.

„Еден наш сограѓанин, на пример, пријавил во правосудната полиција дека еден од криминалците се ослободил од жолтиот елек што го носел“, изјави Беку.

Таа прецизира дека од Лувр недостасуваат огрлица и обетки од колекцијата на Мари-Луиз, огрлица, пар обетки и тијара од колекциите на кралиците Марија-Амелија и Хортензија, како и четири парчиња накит од колекцијата на царицата Евгенија.

Кражбата се случила во времето на отворање на музејот, соопшти претходно француската министерка за култура, Рашида Дати.

Министерката подоцна за телевизијата TF1 изјави дека еден од украдените предмети бил пронајден, додека BFM јавува дека станува збор за круната на царицата Евгенија.

Дати изјави дека пленот од кражбата во музејот Лувр е „речиси непроценлив“.

Описувајќи ги крадците, таа нагласи дека тие делувале професионално, не користеле насилство и се движеле без паника.

Според телевизијата BFM, крадците биле многу добро подготвени и организирани.

Како што се наведува, четворица криминалци – двајца во камион опремен со товарен лифт и двајца на скутери – пристигнале пред музејот во 9:30 часот, по што со помош на лифтот пристапиле до галеријата „Аполон“ на првиот кат, отворајќи прозорец со брусилица.

Потоа со брусилици разбиле две витрини – едната со накитот на Наполеон, а другата со накитот на француските владетели, од каде украле повеќе парчиња накит, јавува BFM повикувајќи се на полициски извори.

Четворицата крадци излегле од галеријата со помош на товарниот лифт и побегнале од местото на злосторството со два скутера.

Целиот грабеж траел вкупно седум минути.