ВИДЕО После 738 дена заробеништво, Хамас ги ослободи израелските заложници во Газа

Последните 13 живи заложници кои беа држени од Хамас во Појасот Газа се ослободени и предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, јавуваат израелските медиуми. Претходно денеска беа ослободени седум Израелци, со што по 738 дена заробеништво Хамас повеќе не држи живи заложници во Газа.

Некои од ослободените успеале да остварат краток видеоразговор со своите семејства непосредно пред ослободувањето, а снимките се појавија и на социјалните мрежи. За повеќето од нив тоа беше прв контакт со роднините по повеќе од две години, време во кое беа целосно изолирани од надворешниот свет.

Медиумите оценуваат дека видеата се користат како пропаганден потег на Хамас, со кој групата настојува да се претстави како хумана, а на некои снимки се забележуваат и вооружени припадници на Хамас во позадина. За разлика од претходните случаи кога предавањата се изведуваа со јавни церемонии, овојпат процесот се спровел без медиумско присуство за да се избегне експлоатација во јавноста.

„Сите доаѓате дома – сите!“, изјавила низ солзи Ејнав Зангаукер, мајка на еден од заложниците, цитирана од Тајмс оф Израел. „Војната заврши.“

Медиумите објавија и фотографии на други ослободени заложници – браќата Давид и Ариел Кунио и Нимрод Коен – како преку видеоразговор зборуваат со семејствата. „Не можев ништо да слушнам, но ги видов и тоа е доволно“, изјавила мајката на браќата Кунио.

Во следните часови се очекува ослободување на дополнителни 250 палестински затвореници и 1.700 лица задржани во Газа, меѓу кои и 22 деца. Според израелските медиуми, затворениците се подготвуваат за напуштање на затворот Офер, на Западниот Брег.

Списокот на ослободените затвореници го објави израелското Министерство за правда во петокот, но во него не се вклучени седумте високи палестински функционери, меѓу кои Марван Баргути и Ахмад Саадат, кои Хамас ги бараше како дел од размената.

Десетици семејства од утринските часови чекаат пред затворот да ги пречекаат своите блиски. Според планот, околу 100 затвореници ќе бидат ослободени на Западниот Брег, други ќе бидат депортирани во Газа или Египет, а мал дел ќе биде пуштен во Источен Ерусалим.