Пожарот што на 20 и 21 јули беснееше во близина на Паркот на природата „Езерани“ остави зад себе катастрофални последици – изгорени се речиси 500 хектари природни површини, од кои половина припаѓаат на територијата на заштитениот парк, информира Македонското еколошко друштво (МЕД).
Според теренската анализа на тимот предводен од Лазар Николов, целосно се уништени над 200 хектари трска, 160 хектари шуми и галерии од врби и тополи, 100 хектари ливади, 30 хектари евли, како и 15 хектари земјоделски насади и 10 хектари крајбрежна вегетација.
„Ова е една од најголемите природни катастрофи во историјата на Паркот ‘Езерани’. Околу 50% од копнената површина е зафатена, што е огромна загуба на биолошката разновидност и екосистемската стабилност на Преспанскиот регион“, истакна Николов, додавајќи дека штетата се проценува на милиони евра.
Од паркот потсетуваат дека и претходно имало пожари од помал обем, најчесто во рана пролет, но ваков интензитет и размери во сушен летен период досега не се забележани. Тие апелираат за итна интервенција и долгорочна стратегија за превенција и заштита на природното богатство со кое, како што велат, треба да се гордее целата држава.
Паркот „Езерани“ е заштитено подрачје од IV категорија според Законот за заштита на природа и стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN).