Рано утрово на аеродромот Палма де Мајорка се случи инцидент што ги вознемири патниците на „Рајанер“ на летот за Манчестер.
Поради лажна пријава за пожар, авионот бил итно евакуиран, а 18 лица се здобиле со полесни повреди, потврдија локалните власти.
Инцидентот се случил во саботата во 00:30 часот, кога службите за итни случаи добиле пријава за пожар во авион паркиран на пистата. Според извештаите од порталот „Кроника Балеар“, противпожарните екипи и службите за брза помош веднаш пристигнале на местото на настанот .
Шест патници беа префрлени во болница за дополнителни прегледи – тројца во клиниката Ротгер и тројца во болницата Палмапланас . Другите беа згрижени на лице место поради полесни повреди, како што се истегнувања на зглобовите.
Цивилната гарда и пожарникарите на аеродромот помогнаа во брза и ефикасна евакуација, а некои патници дури и самите излегоа од авионот низ крилата за да се оддалечат од потенцијално опасниот авион што е можно поскоро.
„Рајанер“ потврди дека полетувањето е откажано поради лажна пријава за пожар.
„ Летот од Палма до Манчестер на 4 јули не полета поради лажна индикација за пожар. Патниците беа евакуирани со помош на надувувачки тобогани и вратени на терминалот“, изјави портпаролот на компанијата.
Тој додаде дека неколку патници биле полесно повредени при излегување од авионот, поради што брзата помош веднаш интервенирала. За да ги намали доцнењата, „Рајанер“ организираше заменски лет кој полета од Палма во 07:05 часот.
„ Искрено им се извинуваме на сите патници за непријатностите што ги доживеаа“, соопшти авиокомпанијата.