ВИДЕО Пресретната подморница за дрога во Атлантикот: Транспортирала 1,7 тони кокаин во Европа

Португалските власти во голема акција на Атлантскиот океан пресретнаа „наркоподморница“ со повеќе од 1,7 тони кокаин која пловела кон копното. Четири лица се приведени.

Снимките објавени од полицијата покажуваат дека, заедно со морнарицата, опколиле подморницата и ја заплениле супстанцата класа А. Осомничената екипа е задржана во притвор, а потеклото им е од Јужна Америка – двајца од Еквадор, еден од Колумбија и еден од Венецуела.

Витор Ананијас, шеф на португалската полицијска единица за борба против трговија со дрога, на конференција за новинари изјави дека различните националности на осомничените покажуваат дека организацијата која стои зад нив не е од една земја.

Претходно добиле информација дека криминална организација испраќа подморница со кокаин наменет за Европа. Неколку дена подоцна, португалски брод успешно ја лоцирал подморницата околу 1000 наутички милји (1852 км) од брегот на Лисабон, во операција поддржана од британската Национална агенција за борба против криминал и американската Администрација за контрола на дрога.

Откако пловилото беше запленето, морнарицата соопшти дека не е возможно да се извлече на копното поради лошото време и кршливата конструкција, па подоцна потона на отворено море.

Ананијас изјави дека за четворицата мажи на подморницата е многу тешко да издржат еден ден на море поради топлината, задушливите испарувања од бродот, високите бранови и лошите временски услови. „По 15 или 20 дена, сè што сакаш е да излезеш.“

Тој додаде дека слични инциденти се повторувале во последните години, а во март годинава во слична акција, 1200 наутички милји од Лисабон, беше запленет брод кој превезувал 6,5 тони кокаин.