Нова студија, објавена на 23 октомври во Journal of Experimental Biology, открива три различни механизми на кои отровните змии го убиваат својот плен, давајќи најдетален опис на каснувањата од овие суштества досега.
Истражувачите со децении се обидувале да го уловат моментот на напад од змија, но брзината на ударот – често помалку од 0,1 секунда – ја надминуваше технологијата. Дури и најновите теренски снимки беа ограничени со ниска резолуција и лошо осветлување.
За да го надминат овој проблем, тим предводен од Реми Ксас отпатува во специјализиран истражувачки центар во Париз, каде секојдневно се вади отров од змии и скорпии за медицински и фармацевтски цели. Таму, научниците направија лажен плен од гел, сличен на мускулно ткиво, кој го понудија на 36 видови отровни змии, сè снимајќи со камери со голема брзина.
За време на студијата, направени се повеќе од 100 снимки со висока резолуција, кои открија значајни разлики во стратегиите на напад кај различни семејства змии.
Змиите од семејството Viperidae обично напаѓале од свиткана положба, гризејќи го пленот за околу 0,1 секунда – побрзо од рефлексот на страв кај повеќето цицачи, што практично им оставува малку шанси на жртвите да избегаат.
Претставниците на семејството Elapidae напаѓале поприкриено, приближувајќи се тивко до пленот за да го намалат растојанието за удар, а потоа повторно стегале со вилиците неколку пати, „веројатно за да го продолжат протокот на отров“.
Истражувачите, исто така, проучувале две змии од семејството Colubridae – Boiga dendrophila и Toxicodryas pulverulenta – кои инјектираат отров преку заби поставени на задниот дел од горната вилица.
Студијата носи нови сознанија за еволуцијата и биомеханиката на каснувањата од змии, како и за потенцијалните медицински импликации. Подеталното разбирање на начинот на кој се доставува отровот може да помогне во развој на поефикасни противотрови.
Во идните истражувања, научниците планираат да испитаат дали големината на пленот влијае на методот на напад и количината на доставен отров.
„Иако каснувањето трае помалку од секунда, сега знаеме дека во тој дел од секундата се одвива екстремно сложена биомеханика“, заклучуваат авторите на студијата.