На социјалните мрежи попладнево се појави видео од Тетово кое покажува вознемирувачка слика – реката Вардар преполна со пластични шишиња и отпад што слободно плива по нејзиниот тек.
Како што објави порталот „Тетово инфо“, снимката е направена во близина на селото Копанце, каде во реката може да се забележат стотици, па дури и илјадници пластични шишиња и друг отпаден материјал.
Граѓаните предупредуваат дека ваквиот отпад ќе продолжи да се движи низ текот на Вардар и ќе стигне до Скопје, каде реката ионака е преполнета со ѓубре. Според нив, ситуацијата станува сè посериозна, а во наредните денови може да се очекува уште поголемо загадување ако не се преземат итни мерки за чистење и контрола.