ВИДЕО Силен ветер и снег во Загреб: Делови од градот без струја и со блокиран сообраќај

Силна бура со урагански налети на ветер ја погоди Загреб, оставајќи зад себе сериозни последици и парализирајќи дел од градот. Невремето, кое траеше во текот на ноќта и утринските часови, предизвика материјални штети, прекин во сообраќајот и бројни интервенции на службите.

Според информациите, ветерот достигнал брзина до 120 километри на час, при што биле соборени дрвја, оштетени покриви и урнати семафори. Во повеќе делови од градот, водата навлегла во станбени објекти, додека штети се регистрирани и на познати објекти.

Градските власти, поради опасните временски услови, ја откажаа наставата во основните и средните училишта, а граѓаните добија предупредувања преку системот за рано известување.

Меѓу погодените објекти е и спортската сала Кошаркарски центар „Дражен Петровиќ“, каде силниот ветер откорнал делови од покривот. Слични оштетувања се пријавени и на други објекти и градилишта низ градот.

Сообраќајот на повеќе крстосници е отежнат или во прекин, бидејќи дел од семафорите не функционираат, а трамвајскиот сообраќај е запрен. Полицијата е на терен и го регулира движењето, додека паднати дрвја и гранки ги блокираат улиците и шините.

Дополнителни проблеми има и во јавниот превоз – дел од линиите се суспендирани или пренасочени, а тешкотии се регистрирани и во железничкиот сообраќај. Делници од автопатите се затворени или со ограничувања поради силниот ветер и неповолните временски услови.

Пожарникарските служби се соочуваат со голем број повици и интервенции. Според надлежните, се евидентирани стотици случаи, а се очекува нивниот број дополнително да расте. Силниот ветер дополнително ја отежнува работата на екипите на терен.

Проблеми се пријавени и во здравствените установи, каде е регистрирана материјална штета, но без повредени лица. Во повисоките делови на градот и околината, невремето донесе и снег, при што некои населени места останаа без струја и основни услови.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да избегнуваат непотребно движење додека временските услови не се стабилизираат.